Untitled design(1)

Иницијативата за Европска перспектива го објави Прирачникот за спречување на дигитално родово-базирано насилство, наменет за наставници, стручни служби во училиштата и сите професионалци кои работат со млади луѓе.

Дигиталното родово-базирано насилство претставува сѐ почеста форма на насилство која се одвива преку социјални мрежи, апликации за комуникација и други дигитални платформи. Иако се случува во онлајн просторот, неговите последици се длабоко присутни во секојдневниот живот на младите, влијаејќи врз нивната самодоверба, ментално здравје, чувство на безбедност и образовен развој.

Прирачникот нуди практични насоки за препознавање на различните форми на дигитално родово-базирано насилство, вклучувајќи онлајн вознемирување, сексистички говор на омраза, неовластено споделување интимни содржини, дигитално следење, уцена, манипулација, злоупотреба преку deepfake технологии и други облици на насилство овозможени од технологијата.

Посебен акцент е ставен на улогата на училиштата во раното препознавање на ризиците и обезбедувањето навремена поддршка за учениците. Прирачникот содржи конкретни протоколи за постапување, препораки за комуникација со учениците, родителите и стручните служби, како и практични сценарија и работилници кои можат да се користат во образовниот процес.

Дополнително, публикацијата ги обработува психолошките и педагошките аспекти на дигиталното насилство, со фокус на пристап насочен кон детето, зајакнување на довербата и создавање безбедна училишна средина.

Преку овој прирачник, ИЕП има за цел да придонесе кон зајакнување на капацитетите на образовните институции за препознавање, превенција и соодветно справување со дигиталното родово-базирано насилство, како и кон создавање побезбедни дигитални простори за младите.

You are currently viewing ПРИРАЧНИК ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ДИГИТАЛНО РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО