Дигиталното родово-базирано насилство претставува сè поизразена манифестација на насилството врз жените и девојчињата, која се врши или засилува преку употреба на информатичко-комуникациски технологии. Иако не станува збор за нов вид на насилство, дигиталната средина овозможува поинаква динамика, поголема изложеност на жртвите и подолготрајни последици, што наметнува потреба од прилагоден правен и институционален одговор.
Во рамки на проектот „Младите жени против онлајн насилство“, имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности, го објавуваме новиот „Документ за јавни политики – Анализа на националното законодавство во однос на европските стандарди за заштита од дигитално родово-базирано насилство“.
Целта на овој документ е да придонесе кон развој на појасен, родово-сензитивен и практично применлив одговор на дигиталното родово-базирано насилство во Република Северна Македонија.
Што опфаќа овој документ?
- Анализа на правната рамка: Документот ја анализира постојната правна и институционална рамка во Република Северна Македонија во однос на дигиталното родово-базирано насилство, користејќи ја Директивата (ЕУ) 2024/1385 како основна референтна рамка за оценка на усогласеноста.
- Идентификување на правни празнини: Анализата покажува дека националното законодавство не обезбедува јасно и системско адресирање на дигиталното родово-базирано насилство, ниту пак доследно ги зема предвид специфичната ранливост на жртвите и кумулативните последици од насилството. Отсуствува сеопфатна регулација на ова насилство и постои ограничен материјален опфат на дигиталните форми на насилство.
- Лекции од праксата: Преку примерот на случајот „Јавна соба“, се покажува дека самото постоење на кривични дела не е доволно доколку правната рамка не ја препознае природата на дигиталното насилство како групно, јавно и повторливо.
- Конкретни препораки: Се предлага сет на препораки за унапредување, кои вклучуваат измени на Кривичниот законик, воспоставување механизми за онлајн пријавување со доставување електронски докази и креирање механизми за блокирање на незаконски онлајн содржини.
Повеќе детали, анализи и целосниот сет на препораки кон институциите можете да прочитате во самата публикација.
Овој документ е изработен со финансиска помош од Европската Унија. Содржината на овој документ е единствена одговорност на проектот „Младите жени против онлајн насилство“ имплементиран од Иницијатива за европска перспектива и Заеднички вредности и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
