Зад секој екран, во секоја приватна порака или групен чет, може да се крие тишина исполнета со страв, срам и болка. Дигиталното родово базирано насилство не е само „онлајн проблем“ – тоа е реалност што ја погодува секоја четврта млада жена во Македонија, а само 5% од нив имаат храброст да пријават. Останатите молчат, најчесто затоа што не знаат кај да се обратат или се плашат дека нема да бидат сфатени сериозно.
Токму затоа училиштата се клучната точка каде оваа тишина може да се пробие. Наставниците и стручните служби се првите возрасни лица кои можат да забележат промена во однесувањето на едно дете: повлекување, ненадеен пад на успехот, нервоза кога ќе стигне порака на телефон. Но за да реагираат правилно, им треба знаење, насока и сигурност.
ПРИРАЧНИКОТ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ДИГИТАЛНО РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО е создаден токму за таа цел. Напишан од Елена Димушевска, со поддршка на Европската Унија, тој на јасен и човечки начин објаснува што претставува дигиталното родово базирано насилство, како се манифестира во средношколскиот контекст и какви се психолошките последици врз младите. Но прирачникот не застанува тука, тој нуди конкретни чекори за првиот разговор со детето, за комуникација со стручните служби и родителите, за кризна интервенција и за долгорочна поддршка. Петте готови модули за работилници овозможуваат наставниците веднаш да ја применат теоријата во пракса, а интерактивната онлајн верзија со квизови и мини-игри го прави учењето достапно и за младите.
Прирачникот е бесплатен и достапен на македонски, албански и англиски јазик. Преземете го денес и станете дел од промената. Секое дете заслужува да знае дека не е само, дека има возрасен кој го гледа, го слуша и е подготвен да застане на негова страна.

