Платформата „Младите против насилство“ доби три дополнителни членови на Управниот одбор од редот на организации – членки на оваа платформа. Беа избрани дополнителните членови Драгана Костевска – основач и претседател на здружението Жртва – Охрид, Александар Нацев – директор на Центарот за безбедносни истражувања и Фросина Кипријановска од ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро владеење.

За нови членови на УО беа пријавени девет кандидати со исклучително добро познавање на темата, успешни во својата работа и со голем ентузијазам за придонес кон развој на Платформата. Заедно со постојните членови, Управниот одбор на Платформата брои седум члена. Постојани членови на Управниот одбор се Валерија Соколова-Стојановска од Иницијатива за европска перспектива – ИЕП, Афродита Муслиу од Нексус – Граѓански концепт, Тамара Петковска од Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД и Валентина Тодоровска од Здружение за развој и активизам АКВА.

Костевска, исто така, е избрана за претседавач на Управниот одбор на Платформата, Нацев стана координатор за комуникации, додека Кипрјановска стана координатор за административни процедури. Костевска ја истакна важноста за работа со младите на полето на превенција од сите видови насилство и дека за прв пат во Северна Македонија се креира платформа во која ќе може да се вклучат сите општествени чинители „за успешно да се спротивставиме на насилството и радикализацијата на младите“. Платформата „Младите против насилство“ е креација на проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)”, кој организацијата Иницијатива за европска перспектива – ИЕП како координатор на проектот го спроведува во партнерство со Нексус – Граѓански концепт, Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД од Куманово и Здружение за развој и активизам АКВА од Струга.

You are currently viewing Формиран Управен одбор на Платформата “Младите против насилство”