Проектот ,,Рециклирање за почист Аеродром” e спроведуван од Здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива, а финансиски поддржан од општина Аеродром, во рамки на проектот „Clean AirDrom – нула цврст отпад во општина Аеродром“, финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

За таа цел се распишува и овој јавен повик за пријава на млади волонтери кои ќе ги поддржат учениците, наставниците, родителите и локалното население во правилното користење на машините за рециклирање во општина Аеродром. Младите волонтери ќе имаат клучна улога во подигањето на еколошката свест кај целните групи и поширокото локално население во општина Аеродром.

Специфично, повикот е отворен за:

10 (десет) млади волонтери од Скопје

Критериуми за волонтери:

  • Да имаат способност за успешно комуницирање и истражување;
  • Да бидат самоиницијативни, аналитични и интерактивни;
  • Да имаат интерес и желба за стекнување/унапредување на знаењето за правилна селекција на отпад и машини за рециклирање.

Опис на задачи:

Младите волонтери ќе биде потребно да присуствуваат на еднодневна обука за правилна селекција на отпад од пакување, со фокус на (ПЕТ) пластика и лименки и користење на машините за рециклирање во општина Аеродром. Целта е волонтерите да се стекнат со практично знаење за принципите на одржливо управување со отпадот и да се стекнат со вештини за ефективна комуникација со различни целни групи, вклучувајќи ги младите и ранливите категории на граѓани, како и да ги мотивираат и подигнат свеста за практиките за рециклирање на локалното население за правилна селекција на отпад од пакување (ПЕТ) во машините за рециклирање, поставени во 9 училишта и 2 градинки во општина Аеродрoм. Еднодневната обука ќе се спроведе во првата половина од месец декември 2024г.

По обуката, волонтерите ќе бидат распределени во 11-те основни училишта и градинки со машини за рециклирање во општина Аеродром во временски период од еден месец, односно втората половина на декември и втората половина на јануари. Волонтерите ќе бидат ангажирани околу 2 часа на ден. Улогата на волонтерите ќе биде да ги поддржат учениците, наставниците, родителите и локалното население во правилното користење на машините за рециклирање. Во исто време волонтерите ќе собираат податоци за бројот на рециклирани лименки, пластика и друго, како и повратни информации од учениците, наставниците и родителите за нивното искуство со машините за рециклирање и нивното разбирање за одржливо управување со отпад.

Забелешкa: На волонтерите ќе им се даде подготвен анкетен прашалник (преку кој ќе ги собираат податоците) и истиот ќе им биде објаснет за начинот на кој треба да го пополнуваат и да ги собираат податоците.

Исто така, волонтерите ќе дистрибуираат едукативни и промотивни флаери за да ја подигнат свеста на локалното население за (правилно) користење на новиот систем за селекција на отпад од пакување поставени во општина Аеродром.

Ангажираните волонтери ќе добијат паричен надоместок согласно законските прописи за волонтерство.

Начин и рок за аплицирање

Сите заинтересирани може да се пријават со пополнување на Формуларот достапен тука, а младите под 18 години потребно е да достават и Изјава за согласност од родител/старател, достапна тука и истите да ги пратат по електронски пат на следниот емаил: contact@iep.mk со назнака: За јавен повик за волонтери за промоција и поддршка на локалното население за користење на машините за рециклирање во општина Аеродром.

Рокот за пријавување е до 12.12.2024 (четврток).

За повеќе информации и/или прашања, може да се обратите на емаил: contact@iep.mk.

You are currently viewing ЈАВЕН ПОВИКза пријавување кандидати за волонтери за промоција и поддршка на локалното население за користење на машините за рециклирање во општина Аеродром